Легендарниот плејмејкер на Детроит Пистонс, Ајзеа Томас ќе остане запаметен како голем НБА шампион и еден од најголемите ривали на легендарниот Мајкл Џордан.
За ова ривалство знае сиот свет, а тоа продолжува и по 35 години. Тоа најдобро се гледа по последната изјава на Томас:
„Му се восхитувам на Леброн, на незаситниот апетит да биде на врвот и да остане таму. Никогаш не сум видел играч кој доминирал во толку статистички категории. Имавме играчи кои доминираа во одредени подрачја, но никогаш не видовме играч кои го прави сето тоа, и тоа цели 17 години. Засега Карим Абдул-Џабар е најдобриот кој го правел тоа. Кога Леброн тоа ќе го заврши, тој ќе биде најдобриот кој сме го виделе во кошарката“ вели Томас.
На овој начин екс-кошаркарот испрати уште една „стрелка“ кон Џордан со тоа што не го спомена во ниту една категорија.
Во средината на осумдесетите, Мајкл дојде во НБА како трет пик на драфтот. Тогаш Ајзеа Томас и Меџик Џонсон веќе беа големи ѕвезди.
Сепак Џордан се избори за место во „дрим-тимот“ и тогаш инсистирал Томас да не биде дел од првиот и најславен „тим од соништата“ во Барселона 1992 година.
Негативните емоции меѓу двајцата кошаркари траат се уште, а тоа може да се забележи и во документарецот „The Last Dance” што излезе во јавност неодамна.