Иако има само 21 година, словенечкиот кошаркарски репрезентативец со српски корени, Лука Дончиќ стекна светска популарност.
Во САД се споделува приказната на американскиот писател и музичар, Колин Кејбл кој тврди дека Дончиќ му го спасил животот.
Приказната на Кејбл која се споделува на социјалните мрежи започнала во октомври 2018 година, неколку недели пред Дончиќ да ја започне својата НБА авантура со Далас Маверикс.
Кејбл во тоа време живеел во Бруклин, а во тој период починал неговиот брат, па одлучил да се врати во Далас за да и биде поддршка на фамилијата.
„Кога Дирк Нвицки беше драфтуван, јас имав 12, а мојот брат 15 години. Кога Дирк го играше последниот НБА меч во 2019 година, имав 32 години, а мојот брат беше мртов. Кога на брат ми коктел различни дроги му го земаа животот, веќе не сакав лекови, почнав да се плашам“ напишал Кејбл.
Следните половина година тој ги помина воглавно меѓу 4 ѕида, па почнал да има проблем со вишокот килограми и со движењето.
„Бев парализиран од тага, несигурен поради престанокот со земање на седативи. Се здебелив преку 20 килограми, имав 32 години и бев сам, трезен, но поразен, жив, но само во биолошка смисла. Веќе ништо не беше важно, и тогаш дојде Лука“ – се вели во текстот на Кејбл.
Дончиќ првпат во НБА лигата заигра една недела по смртта на братот на Кејбл, Далас загубија, а тогаш 19-годишниот Дончиќ имаше ефект од 10 поени, 8 скока и 4 асистенции.
„Еден од последните разговори со брат ми беше набрзо откако Маверикси потпишаа со Дончиќ. И брат ми и јас тогаш бевме воодушевени. Никој од нас не знаеше дека тоа ќе е последната работа на која заеднички ќе се воодушевуваме“ – вели тој.
Младиот човек кој полека но сигурно се излекувал од зависноста го следел секој меч на Дончиќ.
„Начинот на кој игра беше речиси терапевтски“ – смета Кејбл кој 2 години живее без никакви опијати.
„Мојата крв е чиста и умот ми е чист. Почнав да ги поправам врските кои ги уништив поради зависноста. Без помошта на словенечкиот тинејџер, кого веројатно никогаш нема да го запознаам, денес не би бил жив. Кога надежта стана недостижна, Лука секоја вечер на паркетот докажуваше дека е вредно да се бориш за неа“ – пишува Американецот.