Поранешниот Ф1 возач, а сега стјуард на ФИА, Мика Сало вели дека тврдењата на Луис Хамилтон дека стјуардите се на мисија да го „сопрат“ по казната која му ја доделија на Руското ГП се глупави, и го нарече светскиот шампион „полн со гомна“
Финецот беше дел од стјуардите во Сочи, кои му дадоа две петсекундни казни на Англичанецот за прекршување на правилата за стартот, со што се уништи неговата надеж да стигне до 91-та победа во кариерата со што ќе се израмнеше со вечниот рекорд на Михаел Шумахер.
„Стјуардите се обидуваат да ме сопрат. Но, океј, ќе ја држам главата долу и ќе останам фокусиран“, изјави Хамилтон.
Сало за финскиот весник „Илта-Саномат“ ги демантира овие тврдења.
„Полн со гомна! Ова во никој случај не е вистина, бидејќи правилата се исти за сите. Многу е јасно. Хамилтон стартуваше од страна на патеката двапати и тоа се казнува“, вели Сало.
Директорот на трки на ФИА, Мајкл Маси исто така демантира дека има заговор да се попречува на Хамилтон.
„Од страна на ФИА е јасно, има спортски регулативи кои ги одредуваат стјуардите, кои оперираат независно и на кои не им е грижа дали се работи за Луис Хамилтон или било кој од другите 19 возачи. Ако има прекршување на правилата, тоа мора да се разгледа. Ако Луис сака да зборува со нас, сум го кажал тоа и претходно, вратите се отворени“, вели Маси.