Top Sport

Скопскиот маратон ќе се трча со посебни Ковид-протоколи

„Визер – Скопски маратон“ ќе се одржи на 4 октомври, недела, по истата патека, но со нов старт и нова цел, за да се почитуваат мерките и протоколите за заштита од Ковид-19. Ова денеска на прес-конференција го најави Кире Синадиновски, директор на „Визер – Скопски маратон, соопштувајќи дека оваа година, со цел заштита на здравјето на сите, донесен е посебен протокол за одржување на најпознатиот и најстар спортски настан.

„Оваа година ќе имаме 1.500 учесници во три трки: маратон, полумаратон и штафетен маратон „’ЕУ за тебе“’. И оваа година ќе имаме квалитетни натпреварувачи, како и досега, но поради пандемијата, влезовите во државите се ограничени и оваа година ќе бидеме без натпреварувачите од Африка. Поради целата ситуација предизвикана од Ковид-19, ги променивме стартот и целта, кои ќе бидат пред влезот на СЦ ‘Борис Трајковски’, а патеката е иста. Тоа е така затоа што тој простор ни дозволува да ги почитуваме сите протоколи донесени специјално за маратонот“, изјави Синадиновски.

Прес-конференцијата се одржа на терасата на хотелот „Парк“, каде што свое обраќање имаа и градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, и Александар Кираџиев, национален првак во маратон во нашата земја неколку години по ред.

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, истакна дека со големо задоволство Град Скопје е повторно традиционален домаќин и покровител на „Визер – Скопски маратон“.

„Не можам, а да не го кријам, своето задоволство што и годинава ќе биде одржан ‘Визер – Скопски маратон’ и што ја продолжуваме традицијата. Град Скопје е традиционален домаќин и мило ми е што во организацијата на маратонот се вклучени и професионалци и волонтери, кои ќе се грижат сѐ да е во најдобар ред. Град Скопје обезбедува и логистичка, но и финансиска поддршка, заедно со јавните претпријатија. Им посакувам на сите добра трка, успешен маратон и добро здравје на сите“, им посака градоначалникот Шилегов на тркачите и организаторите.

Свое обраќање имаше и Александар Кираџиев, кој истакна дека е особено благодарен што во една ваква пандемиска година се смогнаа сили и напори за да се одржи трката и им посака успешна реализација в недела на организаторите на овој успешен проект.

Дополнителни информации за „Визер – Скопски маратон“ можете да најдете на http://skopskimaraton.com.mk/ .

Scroll to Top