Поранешниот капитен на Манчестер јунајтед, Гери Невил влезе во опасен напад на клубот, нарекувајќи ја нивната „потера“ по Џејдон Санчо засрамувачка, поради што менаџерот Оле Гунар Солскјер се наоѓа пред невозможен предизвик.
Јунајтед го ангажираа Дони ван де Бек од Ајакс, а се верува дека се пред договор со уругвајскиот ветеран Единсон Кавани, но и бразилскиот дефанзивец Алекс Телеш од Порто, но ја пропуштија главната цел, Џејдон Санчо од Борусија Дортмунд по сага која трае неколку месеци.
„Мислам дека не се доволно умни и мудри на пазарот на играчи. Читав дека Ливерпул го продадоа Рајан Брустер за 24 милиони фунти на Шефилд јунајтед. Ливерпул не само што купуваат умно, туку и продаваат умно. Видете ги Челси, тие продаваат и купуваат умно последните 15-20 години. Сити трошат пари, но склучуваат договори, додека Јунајтед не се способни ниту за тоа. Лани со Хери Мегвајр чекаа до крај, со Санчо оваа година. Можете да имате прекрасен тренер, но без играчи не правите ништо. Со Санчо се посрамотија и тоа трае веќе четири месеци. И потоа те одбиваат… Кој дава понуди кои се одбиваат денеска? Работите треба да се договорени пред да се оди во јавност. Оле е тука веќе сезона и пол и ова е негова трета сезона. Нема да очекуваат титула, но следната година? Како ќе освои титула ако не добие три-четири квалитетни фудбалери? Со ова му ги врзуваат рацете и не му даваат играчи со кои може да оди на титула“, вели бесниот Невил.