Top Sport

ЛШ: Мората им донесе победа на Јуве во Киев, голчиштето на Ловрен недоволно за Зенит!

Јувентус и Андреа Пирло имаа победнички старт на новата сезона во Лигата на шампионите, откако повратникот кај „бјанконерите“, Алваро Мората постигна два гола за 2:0 победа на гостувањето кај Динамо Киев.

Пирло се соочи со својот ментор, тренерот на Динамо, Мирчеа Луческу, во своето деби во Лигата на шампионите како тренер, а во тимот го немаше Кристијано Роналдо (поради позитивниот корона-тест), а ниту Пауло Дибала не беше стартер. Шанса добија младите засилувања – Дејан Кулушевски и Федерико Киеза, како и Мората во нападот. Јуве рано останаа без капитенот Џорџо Кјелини, кој се повреди, и во првото полувреме не успеаја да го скршат отпорот на Динамо.

На стартот на второто, Кулушевски имаше одличен удар, кој голманот успеа само да го одбрани до нозета на Мората, кој ја смести топката во мрежата. Во 84. минута, шпанскиот напаѓач, кој пристигна од Атлетико Мадрид, ја потврди победата на „бјанконерите“.

Со победа натпреварувањата ги почна и белгискиот Клуб Бриж, откако со гол во 93. минута стигна до 2:1 победа на гостувањето кај Зенит Санкт Петерсбург. Емануел Денис им донесе водство на гостите во 63. минута, пред во 74. минута, Дејан Ловрен со неверојатен удар од над 30 метри да израмни на 1:1. Меѓутоа по една лоша реакција во 93. минута, 19-годишниот Шарл де Кетеларе донесе три поени за Бриж.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1.КОЛО

ГРУПА Ф

Зенит Санкт Петерсбург – Клуб Бриж 1:2

Лацио – Борусија Дортмунд 21.00 ч.

ГРУПА Г

Динамо Киев – Јувентус 0:2

Барселона – Ференцварош 21.00 ч.

Scroll to Top