Top Sport

Шкендија, на крајот, победи на снегот во Тетово

На терен кој дефинитивно не беше погоден за игра, Шкендија и покрај двата промашени пенали стигна до 1:0 победа над Академија Пандев и ја одржа предноста од 11 поени пред Вардар во ПМФЛ.

Првиот пенал за тетовци беше досуден уште во 14. минута по фаулот над Бесарт Ибраими, меѓутоа Ферхан Хасани го погоди дирекот. Шкендија остана со играч помалку во финишот на полувремето откако Енис Фазлагиќ стартуваше над Ганчев, меѓутоа силите беа израмнети на почетокот на второто полувреме, кога Чешмеџиев доби црвен картон за остар старт над Жуниор.

Ибраими по вторпат се најде на белата точка откако беше фаулиран, меѓутоа овојпат голманот Вујанац одбрани за да ги исфрустрира домаќините. На крајот, Хасани во 79. минута го „скрши“ отпорот на гостите за важна победа во борба за титулата.

Шкупи имаше водство од 0:2 по само 9 минути игра на гости кај Победа, но на крајот мораше да спасува бод  со гол во 85. минута за интересно 3:3 реми. Типуриќ и Адем донесоа водство за гостите од Скопје, пред Победа да намали од пенал пред крајот на полувремето. Благоја Гешоски постигна два гола за целосен пресврт за прилепчани, пред Асани да донесе израмнување.

Скопје и Ренова исто така одиграа без победик 1:1, додека дуелот Силекс-Пелистер беше одложен поради снег и немање услови за игра.

ПМФЛ, 24. КОЛО

Скопје – Ренова 1:1

Победа – Шкупи 3:3

Шкендија – Академија Пандев 1:0

Силекс – Пелистер одложено

Табела: 1.Шкендија 53, 2.Вардар 42, 3.Силекс (-2) 32, 4.Работнички 27, 5.Шкупи (-1) 26, 6.Академија Пандев 26, 7.Ренова 21, 8.Пелистер (-1) 20, 9.Победа 20, 10.Скопје 12.

Фото: ФК Шкендија

Scroll to Top