„Спортот е инспирација за големи победи и афирмација на државата на меѓународен план”, “спортот е наука”, “спортот е култура и филозофија на животот, уметноста и етиката на живеење и творење”, се само дел од пораките кои поранешниот декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, проф. д-р Ѓорѓи Спасов, ги упатува на своите студенти, деца и на сите оние што посакуваат континуирано да ги применуваат спортско-рекреативните активности во интерес на нивното здравје.
Тој, пред се, е амбасадор на младите спортисти кои ги мотивира со убава мисла да го изградат своето тело витко и да го сочуваат здравјето.
– Спортот во државата не е адекватно дефиниран во повеќе негови аспекти, како на пример: спортот е образование, наука, култура, филозофија на животот, уметност, игра, забава и натпревар. Спортот асоцира на здрав и културен живот, а како научна дисциплина тој е спортска психологија, социологија, филозофија, медицина, историја на спортот, кинезитерапија, методологија на истражување со статистика, биомеханика, методика и теорија на физичко и здравствено образование, хигиена на телесното вежбање и спортската рекреација.
Во медиумите спортот е застапен во неколку колективни и индивидуални спортови на меѓународен и домашен план како на пример, во фудбалот, ракометот, кошарката. Но, за подобра афирмација на спортот потребни се повеќе дебатни емисии, јавни трибини…
Исто така драматична е ситуацијата со изведувањето на настава по физичко и здравствено образование. Потребна е поголема афирмација на спортот во глобала. Факт е дека е подобрена спортската инфраструктура, се изградија терени, спортски сали во повеќе општини, но проблем е како ќе се користат тие објекти.
Дали тие објекти се прифатливи за сите или само се привилегија со богатите. Исто така дали овие објекти се опремени со посебни справи и реквизити за спортување. Во однос на финансирањето има потреба од основање Центар за финансирање во спортот од познати бизнисмени и успешни компании. Има потреба и од Министерство за спорт и млади.
Се почесто во медиумите се зборува за трансфер систем и секс скандали, а помалку за здравствените аспекти на спортот. Недоволната телесна активност или хипокинезија е контраиндикација за нарушување на здравјето и способноста, а воедно влијае негативно врз зголемувањето на телесната тежина како индикација на многу болести.