„Револверашката“ пресметка на Ентони Дејвис (Њу Орлеанс) и Девин Букер (Феникс) ја обележа ноќта во НБА лигата, во која Хјустон ја забележа 13. победа во низа, триото на Голден Стејт (Дурент-Кари-Томпсон) го предводеше тимот до победа во Њујорк, а Минесота се искачи на третото место во Западната конференција.
Феникс Санс и Њу Орлеанс Пеликанс водеа голема борба во текот на целиот натпревар, а победата ја однесоа „пеликаните“ 125:116. Дуелот го обелжаа најдобрите играчи на двата тима: Ентони Дејвис го предводеше Њу Орлеанс со 53 поени, 18 скока, 3 асистенции, украдена топка и 5 блокади.
Дејвис стана вториот играч во историјата на лигата што успеал на еден натпревар да забележи повеќе од 50 поени и 15 скокови.
Кај Феникс Девин Букер натпреварот го заврши со 40 поени, 10 скока, 7 асистенции.
Хјустон, благодарение на Џејмс Харден, успеа да победи на тешкото гостување во Солт Лејк Сити. Хјустон ја совлада Јута 95:86, а Харден забележа „дабл-дабл“ од 26 поени и 11 скока.
Минесота славеше над Сакраменто 118:100 и со скор од 38 победи и 26 победи се искачи на третата позиција во Западната конференција зад Хјустон и Голден Стејт, а пред Сан Антонио.Најефикасни во победата над Сакраменто беа Карл-Ентони Таунс со 26 поени и 17 скока, односно Ендрју Вигинс со 22 поени.
Голден Стејт славеше во Њујорк 125:111. Вориорс имаат скор од 47 победи и 14 порази , односно пораз повеќе од лидерот Хјустон.
Клеј Томпсон против Њујорк постигна 26 поени, а го следеа Кевин Дурент со 22 и Стеф Кари со 21 поен.
Лидерот на Истокот Бостон немаше проблеми во дуелот со Мемфис. Бостон победи 109:98. Кајри Ирвинг со 25 поени беше најефикасен играч на натпреварот.
Торонто го победи Детроит 123:94, лејкерси славеа во Атлтанта 123:104, Бруклин го порази Чикаго 104:87, а Далас успеа да ја совлада Индијана 109:103.