Атлетико Мадрид победнички мина на гостувањето во Памплона. Предводени од Жоао Феликс „јорганџиите“ ја поразија Осасуна со 3:1.
Младиот Португалец, за чии трансфер Атлетико минатото лето плати 126.000.000 евра, во 43 минута го постигна првиот гол на мечот. Феликс реализираше пенал за кој се избори Витоло.
Атлетико доби уште еден пенал во 48 минута, откако Ојер играше со рака пред својот гол. Повторно Феликс ја презеде одговорноста, но неговиот удар заврши во дирекот, а одбиената топка Анхел Кореа ја испрати над голот.
Во првите 15 минути од вториот дел покрај промашениот пенал, играчите на Атлеитко имаа уште три чисти шанси за постигнување на гол. Кореа од 20 метри го погоди дирекот, истиот играч не успеа да го совлада Херра во ситуација „еден на еден“, а речиси иста шанса не реализираше и Витоло.
Добрата игра во второто полувреме Атлетико сепак ја крунисаа со уште еден гол. Кореа му асистираше на Феликс, а Португалецот од работ на шеснаесетникот го совлада Херара.
Трошка надеж за Осасуна донесе голот на Анте Будимир во 80 минута. Хрватскиот репрезентативец го одигра првиот натпревар за Осасуна по трансферот од Мајорка.
Надежите на Осасуна дека ќе можат да освојат барем бод им ги урна Лукас Тореира во 88 минута. Уругваецот четири минути претходно влезе во игра, тој го постигна деби голот за Атлетико.
Атлетико со оваа победа од шест натпревари имаат 14 поени и се наоѓаат на второто место на табелата. „Јорганџиите“ имаат натпревар помалку од лидерот Реал. Осасуна го дели седмото место со 10 поени.