Торино на Марко Џампаоло несомнено ќе го понесе епитетот на најголеми „пацери“ овој викенд, откако успеаја да пропуштат доцно водство со два примени гола по 90-тата минута за 3:4 пораз од Лацио.
Новиот играч на Лацио, Андреас Переира во 14-тата минута донесе водство на Лацио, но домаќините се порадуваа откако направија пресврт – Бремер во 19. минута погоди за израмнување, за во 24. минута Андреа Белоти од пенал да донесе 2:1 водство. Во 49. минута, Сергеј Милинковиќ-Савиќ со убав гол од слободен удар израмни на 2:2, но вистинската драма следуваше.
Србинот Саша Лукиќ ја искористи лошата реакција на одбраната на Лацио и во 88. минута постигна гол за 3:2, иако фудбалерите на римскиот клуб протестираа за фаул пред голот. Во 93. минута беше досуден пенал за гостите, кој Чиро Имобиле сигурно го реализираше, пред Еквадорецот Фелипе Каиседо во 98. минута да го искористи целосниот колапс на одбраната на „биковите“ за 3:4!
Со победата Лацио скокна на 10. место на табелата со 10 поени, додека Торино се претпоследни со само еден поен по пет кола.