Top Sport

Ето имал сериозна сообраќајка, завршил во болница!

Поранешната ѕвезда на Барселона и Интер, Самуел Ето се наоѓа во болница во стабилна состојба откако бил вклучен во сериозна сообраќајна несреќа во неговиот роден Камерун.

Според локалните медиуми, Ето се враќал од свадба кога неговиот автомобил бил удрен од автобус во неделата наутро. Иако автомобилот е целосно уништен во предниот дел, 39-годишниот Ето е во болница и неговиот живот не е во опасност.

„Скршениот автомобил на Самуел Ето. Можам да потврдам дека тој е во ред, повторно зборувавме. Лекарите се покрај него“, напиша на Твитер еден камерунски новинар.

Според „Франс фудбал“, легендарниот напаѓач добил повреда на главата, но во сообраќајната несреќа нема загубено животи.

Ето се повлече од фудбалот во септември 2019 по 22-годишна кариера во која освои три титули од Лигата на шампионите, четири трофеи од Ла лига и два Копа Италија трофеи. Тој е најдобар стрелец во историјата на Камерун со 56 гола во 118 настапи, и со нив освои две титули од Африканскиот куп на нации во 2000 и 2002.

Scroll to Top