Францускиот селектор Дидие Дешам вели дека нема начин на кој Пол Погба би бил среќен во Манчестер јунајтед, откако последните два меча, против Башакшехир и Евертон, ги стартуваше на клупата, бидејќи Оле Гунар Солскјер ги преферираше Скот Мектоминеј и Фред зад Бруно Фернандеш.
Погба, кој има уште три години од договорот со клубот од „Олд Трафорд“, постојано е поврзуван со трансфер од клубот од неговото детство, а неодамна призна дека му е сон да игра за Реал Мадрид. Дешам вели дека ситуацијата во Јунајтед е неодржлива.
„Го познавам добро Пол и тој го знае моето мислење. Тој е во ситуација во неговиот клуб со која не може да биде среќен, ниту со својата минутажа, ниту со својата позиција. Ова не е најдобриот период за него, имаше серија повреди, па и КОВИД-19 и мора да го најде својот ритам. Не верувам дека е исполнет во својот клуб. Со мене, нема таков проблем и секогаш игра“, вели Дешам.
И поранешниот фудбалер на Јунајтед, Фил Невил го критикуваше Солскјер за одлуката Погба да биде на клупата.
„Мислам дека е срамотно што Погба не може да влезе во тој тим. За Јунајтед да ја освои лигата, да биде успешен, да го игра стилот кој е потребен, тогаш Пол Погба мора да е во игра. Можеш да играш со некој од другите – Матиќ, Фред или Мектоминеј, но тогаш мора да игра Погба со Фернандеш“, изјави Невил.