Напаѓачот на ПСЖ, Нејмар, смета дека одлуката судијата да му го покаже вториот жолт картон во 87 минута, на дербито во Марсеј, била „престрога и неоправдана“.
Олимпик Марсеј и ПСЖ во најголемото дерби на францускиот фудбал одиграа 2:2, откако екипата од Париз ја спаси Единсон Кавани со голот кој од слободен удар го постигна во 93 минута.
Неколку минути пред решавачкиот момент најскапиот светски фудбалер Нејмар беше исклучен, поради вториот жолт картон. Бразилецот беше фаулиран од страна на Окампос и наседна на провокацијата, го турна аргентинскиот фудбалер кој веднаш падна на тревата.
Главниот судија Руди Буке на двајцата им покажа жолт картон, а Нејмар кој претходно беше опоменат мораше да го заврши натпреварот.
„Мислам дека не требаше да бидам исклучен. Во текот на целиот меч бев на мета на играчите на Марсеј. Имам многу лузни по телото. Така изреагирав бидејќи бев фаулиран. Ми исфрли од колосек тоа што бев фаулиран од зад грб“, рекол Нејмар.
Својот фудбалер го поддржа тренерот Унаи Емери кој смета дека тој бил неоправдано исклучен.