ЖРК Вардар го обезбеди првото место во својата група од Лигата на шампионите, откако со 30:22 (13:8) го победи германскиот Битингхајм за да ја оправда фаворитската улога, и да се пласира во четврт-финалето на елитното европско натпреварување.
Како први во групата 2, вардарки во четврт-финалето можат да играат со данските клубови Никобинг и Митјиланд или со словенечкиот Крим.
Македонскиот шампион започна релативно споро и не успеа да се одвои на повеќе од два гола предност на почетокот, пред до крајот на полувремето да изградат предност од пет гола (13:8).
Во второто полувреме сѐ беше во знакот на Вардар. Амандин Лејно одбрани неколку напади, Вардар реализираше и „црвено-црните” имаа предност од 18-11 по што гостинскиот тренер логично побара тајм аут. Вардарки имаа предност и од девет гола разлика, пред да остане на осум (30:22) за импресивна победа.
Кај Вардар најефикасна беше Андреа Лекиќ со осум гола, додека четири додаде Сара Ристовска. Последниот меч од натпреварите по групи, Вардар го игра на гости кај Будуќност.
Фото: ЖРК Вардар