Откако денеска Луис Хамилтон со победа на Турското ГП во Истанбул ја освои својата седма светска титула и се израмни со рекордот на легендарниот Михаел Шумахер, дел од фановите на двајцата возачи посочија на едно интервју на Шуми во 2008, кога Хамилтон уште не беше шампион.
Запрашан дали некој може да ги сруши неговите рекорди во иднината, Германецот беше сигурен дека тоа може да се случи во секој момент преку Хамилтон, Фелипе Маса или Себастијан Фетел.
„Апсолутно е можно во иднина некој да доминира како мене, бидејќи и кога јас ги поставував рекордите никој не веруваше дека ќе можам да стигнам до рекордот на Хуан Мануел Фанџо од пет титули, и јас го зголемив на седум. Рекордите се тука да се рушат и не се загрижувам за тоа дали ќе биде Луис Хамилтон, Фелипе Маса или Себастијан Фетел или некој во иднина. Нема проблеми“, вели Шумахер.
Ова интервју беше пред драматичната последна трка од сезоната во Бразил во 2008, кога Хамилтон со претекнување во последниот круг ја обезбеди титулата пред тогашниот возач на Ферари, Фелипе Маса.
Во уште едно интервју од 2007 година, пред Хамилтон да дебитира во Формула 1, Шумахер зборува за талентот кој го има Хамилтон следејќи го во ГП2 шампионатот (каде што ја освои титулата), додавајќи дека е изненаден од неговата постојаност на тие години.