Top Sport

Ливерпул го „демолираше“ Лестер, но го загуби и Кеита!

Шампионот Ливерпул со 3:0 ги совлада Лестер за да се израмни со Тотенхем на врвот на Премиер лигата, но „малерот“ со повредите продолжи откако и фудбалерот од средниот ред, Наби Кеита мораше да биде заменет поради повреда.

Џони Еванс си постигна спектакуларен автогол уште во 21. минута од мечот за предност на „црвените“, пред новиот миленик на фановите, Диого Жота да постигне прекрасен гол во 41. минута за удвојување на водството.

Кеита, кој беше стартер и имаше одличен меч, во 54. минута побара да биде заменет, откако имаше проблеми со десната нога. Тој се приклучува на долгата листа на повредени фудбалери на Јирген Клоп по Виргил ван Дајк, Џо Гомез, Тијаго Алкантара, Алекс Окслејд-Чембрлен, како и Мохамед Салах, кој е позитивен на КОВИД-19. Точка на мечот стави Роберто Фирмино во 84. минута за убедлива победа.

Ливерпул сега имаат 20 поени на второто место на табелата, и Тотенхем се пред нив само поради подобрата гол-разлика, додека Лестер остануваат четврти со 18 поени, колку што има и третопласираниот Челси.

Scroll to Top