Англиските медиуми јавуваат дека младиот играч од средниот ред на Манчестер јунајтед, Скот Мектоминеј решил да се обврзе за настап за шкотската репрезентација, иако имаше можности да игра за Англија.
21-годишниот Мектоминеј оваа сезона импресионираше со неколку настапи за Јунајтед, и во последно време добива шанса пред Пол Погба од страна на Жозе Мурињо и досега има 15 настапи во сите натпреварувања.
Мектоминеј е роден во Ланкастер, Англија, така што Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија реши да контактира со него за настап во У-21 репрезентацијата, но според повеќе англиски медиуми, тој решил да ја прифати понудата на новиот шкотски селектор Алекс Меклиш и е подготвен да дебитира во пријателските мечеви против Костарика и Унгарија овој месец.
Мектоминеј уште во 2016 година во интервју со официјалниот веб-сајт на Јунајтед призна дека повеќе се чувствува како Шкот.
„Поголемиот дел од моето семејство е шкотско. Мојата мајка има малку шкотска крв, но од страната на татко ми сите се Шкоти. Бев на неколку тренинг-кампа со Шкотска и беше океј. Најверојатно сум малку повеќе Шкот отколку Англичанец, но на крајот не е толку важно“, изјави Мектоминеј.