Бразилскиот дефанзивец на Пари Сен-Жермен, Дани Алвеш имаше контроверзна изјава околу смртта на капитенот на Фиорентина, Давиде Астори, оценувајќи дека ситуацијата е трагична, но дека „илјадници деца умираат секој ден, и тие се исто толку важни“.
Италијанскиот фудбал уште е во шок по ненадејната смрт на 31-годишниот Астори во неделата, и Алвеш како сите ја искажа својата почит, но призна дека тоа не влијаело толку на него и дека неговата смрт не е повеќе важна од секојдневните лоши работи во светот.
„Ние не бевме многу потресени бидејќи не го познававме толку добро. Жал ми е за неговото семејство. Мислам дека Давиде направи сè што можеше во овој хаотичен свет и сега е на подобро место. Но, во светот илјадници деца, кои не добиваат толку внимание, умираат секој ден и се исто толку важни. Сите ќе умреме еден ден, бидејќи животот поминува. Сите сме тажни, но неговото семејство сигурно е најтажно“, вели Алвеш на прес-конференцијата на ПСЖ пред дуелот од Лигата на шампионите против Реал Мадрид.
Фото: ЕПА