Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола вели дека неговиот сегашен тим уште не е на нивото на неговиот поранешен клуб Барселона и дека за тоа да биде случајот тие мораат да доминираат долго време во Англија и Европа.
Сити во втората сезона на Гвардиола стигнаа до титулата од Лига купот и се блиску до трофејот од Премиер лигата, а речиси сигурно се и во четврт-финалето на Лигата на шампиони по 4:0 победата на гости кај Базел минатиот месец. Покрај тоа, формата која ја покажуваат „граѓаните“ неизбежно донесе споредби со непобедливата Барса на Гвардиола, со која Каталонецот стигна до три титули од првенството и две од Лигата на шампиони.
„Не, не е добро да се споредуваме со нив. Тој тим доминираше 10 години, ние само што ја освоивме првата титула. За да се споредуваме со такви тимови мораме да бидеме на врвот многу многу години“, вели 47-годишниот Гвардиола.
Иако Сити имаат 16 поени пред Манчестер јунајтед во Премиер лигата и им се потребни само четири победи во последните девет натпревари за титулата, Гвардиола вели дека не е време да се фокусираат на европските натпревари.
„Блиску сме до четврт-финалето од Лигата на шампионите и речиси сме шампиони во Премиер лигата. Меѓутоа фудбалот не е готов додека не ја завршиш работата“, вели Гвардиола.