Леополд Луке, главниот доктор на тимот кој се грижеше за здравјето на Диего Марадона, се наоѓа под истрага, поради можно убиство од негрижа. Вчера, полицијата изврши претрес во неговиот дом и клиниката. Во наредните денови ќе се утврдуваат околностите под кои починал легендарниот фудбалер.
Докторот Луке, откако полицајците заминале од неговиот дом, ги повикал новинарите и 40 минути одговарал на нивните прашања.
„Не станува збор за лекарска грешка. Направивме се што требаше. Немам замерки на она што го направивме. Го сакав Диего, се правев за да му биде подобро, само јас му останав. Не сум одговорен за тоа што му се случи, горди сум за се она што го направив за Диего и неговото семејство. Често ги среќавав неговите ќерки, а неговите браќа ме обожуваат“, рекол Луке и дополнил.
„Во четвртокот, ме навредуваше и ме исфрли од куќата. Откако се разболе така постапуваше со сите. Не сакаше да разговара ниту со ќерките. Кога ме бркаше, не сакав да заминам, мо кажав дека нема да си одам додека не стане од креветот. Успеав да го подигнам, а потоа морав да си одам. Неговата смрт не е последица на лекарска грешка. Срцев удар е нешто што може да му се случи на таков пациент. Нормално е да почине некој со историја на болеста каква што имаше Диего. Диего беше многу тажен, му недостигаа родителите. Се обидував да му бидам добар пријател, секогаш да бидам тука кога ќе му бидам потребен. Но и таков беше тврдоглав, ништо не можевте да му наметнете. Требаше да оди на клиника за откажување од алкохолот, но не сакаше. Моравме да балансираме со лековите што мораше да ги зема и алкохолот што не сакаше да престане да го пие. Правеше што сакаше, никој ништо не му можеше. Јас не сум виновен. Единствено сум виновен што го сакав. Немам што да кријам, во секој момент ќе им бидам достапен на истражните органи“, рекол Луке.