Илјадници луѓе се собраа во Фиренца за да го испратат капитенот на Фиорентина, Давиде Астори, кој ненадејно, од срцев удар, почина во неделата. Сите оние што сакаа да се простат од Астори се собраа пред базиликата „Ди Санта Кроче“.
На погребната миса во базиликата беше и италијанскиот премиер Матео Ренци. Таму беше целиот тим на Фиорентина, младинскиот и женскиот тим на „виолетовите“, потоа познати имиња од фудбалскиот свет, поранешните соиграчи на Астори од клубовите за кои настапувал и од националниот тим, како и Франческо Тоти, Џузепе Роси, Стефан Ел Шарави, Федерико, Бернардески, Матија Перин, Алесандро Флоренци, Карлос Санчез…
На погребот на Астори директно од Лондон пристигна и целиот тим на Јувентус, кој синоќа обезбеди пласман во чеврт-финалето во Лигата на шампионите.
Поради овој гест, експедицијата на Јувентус со ракоплескање беше дочекана од навивачите на Фиорентина и жителите на Фиренца.
По мисата, погребната поворка со телото на Астори мина и покрај стадионот „Артемио Франки“.
Смртта на 31-годишниот фудбалер одекна силно во фудбалскиот свет, а од неделата кога тој почина од Астори се простуваат поранешните соиграчи и фудбалери од целиот свет.
Натпреварите во Лигата на шампиони што се играа оваа недела започнуваа со минута молчење во чест на Астори.