Седумкратните европски шампиони Милан уште не се подготвени да се борат со најдобрите клубови во Европа, што најдобро се виде на првиот меч од осминафиналето од Лигата на Европа со Арсенал, клуб кој е во криза во Англија и кој на „Сан Сиро“ стигна до удобна 0:2 победа.
Џенаро Гатузо и пред мечот изјави дека Арсенал е фаворит во мечот, меѓутоа никој не очекуваше „топчиите“ толку лесно да стигнат до победа за со една нога да се во четврт-финалето уште по првиот меч.
Засилувањето на тимот на Арсен Венгер, Хенрик Мхитарјан уште во 15. минута ги замолчи италијанските тифози, пред во финишот на полувремето, Арон Ремзи да го постави конечниот резултат, двапати по асистенција на Месут Озил.
Лошата сезона за Борусија Дортмунд стана уште полоша откако Ред Бул Салцбург успеа да стигне до 1:2 победа на „Сигнал Идуна парк“, благодарение на двата гола на косовскиот фудбалер Ваљон Бериша.
Тој прво беше прецизен од белата точка во 49. минута, за седум минути подоцна да донесе 0:2 водство. БВБ успеа да намали во 62. минута преку Ширле, меѓутоа за тимот на Петер Штогер четврт-финалето изгледа далечно.
Блиску до четврт-финалето се и Атлетико Мадрид, откако во првиот меч со Локомотив Москва стигнаа до убедлива 3:0 победа. Нигуез, Диего Коста и Коке постигнаа по еден гол за двомечот да биде речиси одлучен по првиот меч.
Во четвртиот натпревар од 19 часот, Лион на гости во Русија кај ЦСКА Москва стигна до важна 0:1 победа благодарение на Марсело.
ЛИГА НА ЕВРОПА, 1/8 ФИНАЛЕ, ПРВ МЕЧ
Милан – Арсенал 0:2
Атлетико Мадрид – Локомотив Москва 3:0
Борусија Дортмунд – Салцбург 1:2
ЦСКА Москва – Лион 0:1