Лошата сезона 2020/21 за Арсенал стана уште полоша, откако на „Емирати“ успеаја да загубат со 0:1 од нископласираниот Барнли, во меч во кој повторно неславна главна улога имаше поранешниот капитен Гранит Џака со непромислен гест и директен црвен картон во второто полувреме.
Во исто време, Лестер со 3:0 доминираше над Брајтон за да се искачи на третото место на табелата со само поен зад лидерите Тотенхем и Ливерпул.
По лошото прво полувреме пред своите 2.000 гледачи, „топчиите“ живнаа на стартот на второто со неколку шанси, пред во 59. минута, Џака да го грабне Ешли Вествуд за врат во една лута реакција, по што по прегледувањето на ВАР системот доби директен црвен картон. На Џака му беше одземена капитенската лента во Арсенал на крајот на минатата година откако ги пцуеше сопствените навивачи на меч со Кристал палас.
За ситуацијата да стане уште полоша, Пјер-Емерик Обамејанг, човекот кој беше критикуван за недостатокот на голови оваа сезона, конечно заби гол, но во сопствениот гол по еден корнер во 73. минута од мечот. Овој резултат значи дека Арсенал немаат победа во Премиер лигата веќе пет меча и се само на 15-тото место со 13 поени, сега само четири пред Барнли, кои излегоа од зоната за испаѓање и се 17-ти со 9 поени.
Лестер, пак, немаа вакви проблеми и со 3:0 ги „решија“ Брајтон уште во првото полувреме, благодарение на двата гола на Џејми Медисон и новиот гол на Џејми Варди.