Динамо по вториот тежок пораз во низа, овојпат од Локомотива со 1:4 остана без тренер откако Марио Цвитановиќ поднесе оставка, а сега „модрите“ потврдија дека нивни нов стратег ќе биде Никола Јурчевиќ.
„Постигнавме договор со г-динот Јурчевиќ, кој ќе биде тренер на првиот тим. Официјалната презентација ќе биде во вторник на 13 март“, објавија од Динамо.
Јурчевиќ во својата кариера беше фудбалер на Динамо, НК Загреб, Антверпен и Австрија Салцбург, а имаше иа 19 настапи за хрватската репрезентација. Тој претходно работеше како тренер на Динамо (со кои освои куп-титула), Салцбург и Славен Белупо, а последните 12 години беше помошник на Славен Билиќ во хрватската репрезентација, Бешикташ и Вест Хем.
Динамо и покрај лошите порази е прв на табелата со 56 поени, шест повеќе од Хајдук и девет пред акутелниот шампион Риека.