Top Sport

Денот кога светот го „запозна“ Лео – Ето: Му кажав на Виера дека е незапирлив

Самуел Ето е вистинска легенда на светскиот фудбал, делејќи го теренот со имиња како Лионел Меси и Роналдињо, и работејќи во најголемите клубови на светот, освојувајќи еден куп трофеи, и вели дека веднаш забележал дека Меси е најдобриот на сите времиња.

„Мислам дека тој е најдобриот во овој живот и во сите други животи. Кога игра, навистина имате впечаток дека се наоѓа на улица со своите другари. Во 2005 година игравме против Јувентус во трофејот ‘Жоан Гампер’ на стартот на сезоната, а во Јуве играше Патрик Виера, кој ми е како голем брат, и тоа во врвот на својата кариера. Му кажав: ‘Внимавај, ќе видиш следен број 1, се вика ЛЛео Меси’. Тој ми одговори: ‘Не се грижи, ќе го средам’. По крајот на мечот ми призна: ‘Тоа е неверојатно, апсолутно невозможно’. Јас го знаев тоа веднаш“, вели Ето во интервју за „Спорт бајбл“.

Ето ја освои тројната титула со Меси и Барса во 2008/09, пред да се пресели во Интер и да го повтори успехот со Жозе Мурињо во славната генерација со Горан Пандев како соиграч. Втората тројна титула, вреди повеќе, вели Камерунецот.

„Не би можел да кажам дали Гвардиола или Мурињо е подобар. Се работи за поинаков стил на двајцата тренери, но јас го преферирам Мурињо. Со него сум пријател, но и Пеп е врвен тренер. Сепак, не постои човек кој може да ги мотивира своите играчи повеќе од Жозе Мурињо. Затоа таа тројна титула е ‘специјална’“, додава Ето.

Scroll to Top