Ракометарите на Металург одиграа нерешено во Харков против Мотор Запорожје 28:28 (18:12). По четири кола Металург има победа, реми и два порази во групата.
Металург без првиот тренер Лино Червар кој е во Загреб, каде во друштво на првиот човек на Ракометниот сојуз на Хрватска Гобац, го следи дуелот ППД Загреб-Висла, одигра брилијантни 34 минути, но на карајот не успеа да го победи фаворизираниот домаќин.
Одбраната предводена од голманот Арсиќ делуваше беспрекорно, што со добрата игра во нападот, на Металург му овозможи предност 6:1 во седмата минута, а во 25.минута тимот од Автокоманда имаше огромни 16:9.
Мотор многу поагресивно го започна вториот дел, во кој Металург влезе со предност 18:12. Младите играчи на Металург како да се уплашија од победата во Харков, зачестија со техничките грешки и нерезонските шутеви, што домаќинот го искористи за со серија од пет гола да се доближи на гол негатива 20:19 во 40.минута.
Упорноста на Мотор се исплатеше кога во 54.минута преку Денисов прв пат израмни 26:26. Клучниот момент на мечот се случи на четири минути до крајот кога Томовски одбрани два седмерци, а Пешевски погоди за 28:26. Потоа Гуглета не искористи контра за плус три, што му овозможи на Мотор да израмни на 28:28.
Во својот последен напад на мечот, Металург со играч повеќе не успеа да организира акција, а во последните седум секунди Пуховски се обиде но не беше прецизен.
Арсиќ на овој меч имаше 12 интервенции, а стрелците ги предводеа Гуглета и Јагањац со по седум голови.
Во наредното коло, на 14.октомври, Металург ќе гостува кај Чеховски медведи.