Во мечот што за нив беше рамен на финале, Арсенал го совлада градскиот ривал Челси со стил, со високи 3-1. „Арсенал е жив“ се коментарите на социјалните мрежи откако трофејните „топчии“ по 14 кола сезонава во Премиерлигата имаа само 4 победи ии се најдоа на 15тата позиција, на само 4 бода од зоната за испаѓање во понизок ранг.
Пулените на Микел Артета комплетно го надиграа противникот кој речиси цел меч не шутна во рамките на голот на Лено.
Од друга страна, голманот на „сините“ Менди спасуваше катастрофа за екипата предводена од Лампард.
Во 33 минута Џејмс стартуваше преостро во својот шеснаесетник, па судијата досуди пенал за Арсенал. Сепак, отиде и ја провери снимката да се увери во постапката.
На Лаказет тоа не му пречеше, го испрати голманот во спротивната страна за 1-0.
Враќање на Џака во вистински елемент. Се играше 44 минута, слободен удар за „топчиите“. Џака го гаѓа горниот агол на голот на Менди за прекрасен погодок и водство од 2-0 до полувремето.
Во вториот дел продолжи безидејната игра на Челси што Арсенал ја казни со уште еден одличен погодок, дело на Сако во 56 минута. Неодбранливо.
Единствено што гостинската екипа успеа да стори на овој меч беше почесен погодок, од првиот удар кој одеше во рамките на голот на Лено. Стрелец Абрахам во 87 минута. Имаа сините шанса и за нов погодок, но Жоргињо не го реализираше пеналот во судиското надополнување на мечот.
Иако процентуално топката беше повеќе во нозете на фудбалерите во сини дресови, Арсенал беше екипата која повеќе ја посакуваше победата.
Сега Челси падна на шестата позиција, а Арсенал конечно по подолго време стигна до 3 бода.