Антоан Гризман не е заинтересиран да си замине од Атлетико Мадрид, вели претседателот на клубот, Енрике Черезо и покрај постојаните шпекулации дека францускиот напаѓач ќе се приклучи на Барселона во текот на летото.
Гризман во јуни потпиша нов договор со Атлетико до крајот на сезоната 2021/22, но тоа не ги намали шпекулациите околу неговото заминување, а неодамна каталонските медиуми дури објавија дека договорот е постигнат откако ѕвездите на „Ноу Камп“, вклучувајќи го Лео Меси дале „зелено светло“ за негово пристигнување. Черезо вели дека тоа нема да се случи.
„Гризман има договор и не може да потпише со друг тим. Тоа се фактите. Не ми кажа дека сака да замине, така што би ме изненадило ако има таква желба. Сигурно можам да ви кажам дека има договор на долго време. Ние не сме нервозни околу тоа и јас лично верувам дека тој е среќен и сака да продолжи да игра за нашиот тим“, вели Черезо во интервју за „Марка“.
Гризман оваа сезона има 21 гол за Атлетико, вклучувајќи осум во последните пет меча.