Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан го поддржа својот напаѓач Карим Бензема, откако вчера беше потврдено дека тој ќе оди на суд за поврзаноста во заговорот да се уценува неговиот поранешен соиграч од француската репрезентација, Матју Валбуена со секс-видео.
Француските обвинители тврдат дека Бензема го охрабрувал Валбуена да им плати на уценувачите за лентата да не се појави во јавноста во 2015 година и сега беше конечно потврдено дека тој ќе мора да оди на суд. Овој скандал предизвика исфрлање на Бензема од репрезентацијата, но Зидан му верува на сонародникот.
„Го поддржувам целосно, ова не е лесна ситуација. Можам да забележам дека тој е во ред, не размислува за тоа и се фокусира на својата работа. Се надевам за добро на сите дека ќе има брза разрешница“, изјави Зидан пред саботниот меч на Реал со Осасуна.
Бензема има осум постигнати голови во 15 меча во Ла лига оваа сезона, во која Реал се обидуваат да го „фатат“ Атлетико Мадрид, кои имаат два поени предност и два натпревари помалку.