Три недели по отказот во ВБА и само 2 дена по назначувањето на тренерската позиција во Пекинг Гуан, хрватскиот фудбалски тренер Славен Билиќ даде интервју за медиумите во татковината.
„Се во Кина се случи многу брзо. Дојдов накратко, пред се да ја видам мајка ми, во вторник одам во Загреб по виза и ме чека лет за Кина“ рече Билиќ.
Иако имаше сјајни резултати со ВБА во Чемпионшип минатата сезона, раководството на клубот се чини брзо го загуби трпението кога станува збор за Премиерлигата.
„Дел од мене е разочаран, жал ми е. Имавме 11 дебитанти во Премиерлигата, моравме да учиме низ сезоната. Тоа е нова екипа и растевме, се боревме до крај. Фудбалот не е математика, но мораш да си близок со математиката за да си конкурентен“ вели хрватскиот стратег.
Даде свое мислење и за прогнозите во Хрватска дека тој е можната алтернатива за менаџерската позиција во Арсенал.
„Доста реално ја знам својата позиција на тренерската карта во светот. Свесен сум дека понуди има и ќе ги има уште повеќе. Но свесен сум и дека не сум тренер од рангот на Гвардиола, не сум во таа категорија, да не се лажеме. Во Кина финансиите се добри, а клубот е во топ 3 во првенството“ рече Билиќ.
Прогнозираше и кој е главен конкурент сезонава да го подигне пехарот во Премиерлигата.
„Сите се во форма, а ако се сите во форма, Ливерпул и Сити се подобри од другите. Беше едно време Челси, па паднаа, тука е и Јунајтед. Сепак, Сити и Ливерпул се над другите“ смета Хрватот.