Барселона и покрај тоа што во тимот ги немаше Никола Миротиќ и Брендон Дејвис, стигна до фантастична 88:75 победа над ЦСКА Москва во Русија во битката на првопласираниот и второпласираниот тим во Евролигата.
Кори Хигинс постигна 25 поени против поранешниот клуб, а Алекс Абринес имаше 19 поени, а Ник Калатес додаде 13 поени, 7 асистенции и 6 скока за тимот на Шарунас Јасикевичиус, кој се врати од 12 поени негатива во втората четвртина за 40:42 на полувреме, за ЦСКА потоа да се мачи со играта од поле 21-од-50 за два поени и 4-од-21 за три поени.
Мајк Џејмс заврши со 18 поени за ЦСКА, Никола Милутинов имаше 15 и 6 скока, додека Торнике Шенгелија имаше 10 поени и 7 скока.
Фенербахче, пак, го продолжи патот кон плејофот со огромна 100:74 победа над Панатинаикос во дебито на новиот тренер на грчкиот тим, Израелецот Одед Каташ. Тимот на Игор Кокошков имаше фантастичен почеток и со серија од 18:0 ја доби првата четвртина со 31:12, предност која не ја загуби до крајот.
Марко Гудуриќ заврши со 18 поени, Јан Весели имаше 12, за петта победа во низа на Фенер и подобрување на скорот на 10-10. Од другата страна, Немања Недовиќ беше ограничен на 6 поени, а Арон Вајт со само 13 беше најдобриот стрелец.
ЕВРОЛИГА, 20.КОЛО
ЦСКА Москва – Барселона 75:88 (25:20, 16:22, 15:22, 19:24)
Фенербахче – Панатинаикос 100:74 (31:12, 17:22, 26:21, 26:19)
Зенит Санкт Петерсбург – Жалгирис 77:65 (17:14, 19:22, 20:13, 21:16)
Баерн Минхен – Реал Мадрид 76:81 (15:23, 19:16, 16:12, 22:21, 4:9)
Олимпијакос – Асвел 63:69 (17:17, 16:17, 9:17, 21:18)
Валенсија – Црвена звезда 91:71 (27:15, 22:27, 19:15, 23:14)