Тренерот на Милан, Стефано Пиоли вели дека хрватскиот ветеран Марио Манџукиќ е физички добро подготвен и затоа е повикан за дуелот против Аталанта со верување дека веднаш може да се вклопи во тимот.
Хрватот се врати во Серија А оваа недела , потпишувајќи како слободен играч, и Пиоли е презадоволен од тоа што го видел.
„Марио ќе се вклопи веднаш, веќе работел во Италија и има модерен европски менталитет. Немаше никаков проблем во приклучување на тимот, туку многу позитивност. Физички, го најдовме во навистина добра форма. Тој не играл долго време, но се појави посветен, подготвен и со наполнети батерии. Сега, или требаше да го држам три-четири недели во аут за да стигне кондициски, или да го забрзам и да го вратам на теренот што е можно побргу. Затоа тој ќе биде во составот за утрешниот меч“, вели Пиоли.