Роналд Куман демантира дека фудбалерите на Барселона барале премногу пари во своите договори по финансиската криза која го погоди светскиот фудбал поради пандемијата на КОВИД-19, а која посебно „удри“ на каталонскиот гигант.
Најголемиот проблем, секако, е затварањето на стадионите, со што се скрати огромен дел од приходот на големите клубови, а Барселона се должни милијарда евра и според последните финансиски извештаи уште не платиле 19 фудбалери кои направиле трансфери.
Од трошоците на клубот, неверојатни 74 отсто паѓаат на платите на фудбалерите, и тука се презедоа мерки со краткорочно намалување на платите и Куман вели дека неговите фудбалери не се алчни туку имаат разбирање на клубот.
„Барса страда многу од КОВИД-19 и од економската ситуација да се игра без фанови, а туризмот исто така е речиси непостоечки. Фудбалерите се исто толку загрижени како сите други и не знам дали го чинат премногу клубот, но клубот нуди договори, а фудбалерите ги одбиваат или прифаќаат. Сите помогнавме на клубот со намалувањето на нашите плати. Затоа не може да се зборува за алчност“, вели Куман пред мечот од Копа дел реј со Рајо Валјекано.