Оле Гунар Солскјер признава дека е благодарен што газдите на Манчестер јунајтед не го ставиле во иста позиција како Френк Лампард, откако Челси вчера му го врачи отказот на англискиот тренер, посебно бидејќи и „ѓаволите“ имаа проблематични периоди во својата игра под Норвежанецот.
Солскјер се најде на удар на критиките на стартот на сезоната, но клубот има целосна доверба во него и покрај шпекулациите дека Маурисио Почетино се подготвува да го замени. Во Јунајтед, за разлика од Челси, сметаат дека иако се потребни подобри резултати, се работи за долготраен проект и затоа му се даде време на Солскјер, кој одговори тоа што по половина сезона клубот е на првото место во Премиер лигата.
„Искрено, не е до мене да коментирам премногу за отказите. Секако, знам дека Френк не сака сега да го сожалуваме. Го познавам неговиот карактер и менталитет и сигурен сум дека ќе се врати и ќе има одлична тренерска кариера. Тој помина низ лош период, но не толку одамна беа на првото место на табелата. Тоа беше прв пад на формата под Френк и малку сум изненаден, иако тоа е работа на Челси. Сум кажал многу пати, дека имаме долгорочен проект и дека ќе има тешки периоди, но дека мораме ментално да бидеме силни. Благодарен сум на отворена комуникација и искреноста од клубот. Имам огромна поддршка од клубот и од првите луѓе и благодарен сум на тоа“, вели Солскјер.