Легендарниот бразилски напаѓач Луис Назарио да Лима Роналдо ја откри тајната на фрузирата со која се појави на Светското првенство во 2002 година, во Јапонија и Јужна Кореја. Бразил ја освои титулата, во финалето Селесао ја победи Германија со 2:0, а двата гола ги постигна Роналдо. Напаѓачот беше најдобар стрелец на турнирот, а вниманието на медиумите од првиот ден го привлече со својата фризура.
Смешна, грда, невообичаена, за малкумина убава, фризурата на Роналдо од тој мундијал ја паметат фудбалските фанови. Роналдо, 16 години по Светското првенство, во вторникот во Мелбурн открил дека изборот на фризурата воопшто не бил случаен.
Фризурата требало да го одвлече вниманието на медиумите од повредата на ногата со која имаше проблеми пред почетокот на подготовките за Светското првенство.
„Бев повреден и сите зборуваа само за повредата. Решив да ја избричам главата и да оставам само малку коса. Дојдов на тренинг и сите ја видоа мојата фризура. Сите почнаа да ја коментираат фризурата, на повредата веднаш заборавија. Така можев да останам мирен и да им се посветам на тренинзите. Не сум горд на таа фризура, многу е чудна. Но тоа беше добар начин да го свртам вниманието на медиумите на друга страна“, рекол Роналдо во Австралија каде ја промовира изложбата на Реал Мадрид што ќе биде отворена во јуни.
Мундијалот на кој Роналдо настапи со чудната фризура е последен на кој победил Бразил, а легендарниот напаѓач смета дека Селесао во Русија може да стигне до финалето.