Женската репрезентација на Македонија нема да патува за Рига, и нема да игра на претстојниот квалификациски турнир за пласман на ЕП во 2021 година. Македонија во Летонија требаше да игра против домашната селекција и репрезентацијата на Хрватска, на 4. односно 6. февруари.
Двата позитивни теста на Ковид-19 се причината поради кои македонските кошаркарки нема да учествуваат во „балонот3 во Рига.
Во целодневните консултации кои Македонската кошаркарска федерација ги имаше со челниците на ФИБА констатирано е дека не постојат здравствени услови селекцијата да отпатува, во Летонија.
Инаку, двата позитивни теста се потврдени кај стручниот дел од нашата најдобра женска селекција.
„Со оглед на тоа дека биле во најблизок контакт со ‘позитивните’, во наредниот период останатите членови на нашиот национален тим, а по препорака на лекарските авторитети, ќе бидат во самоизолација, со што би се спречило ширење на заразата. Како одговорна федерација, ние секојдневно ќе ја следиме состојбата на сите членови на нашата женска селекција“- го потврдува откажувањето на турнирот во Летонија, генералниот секретар, Владимир Георгиевски.