Сопственикот на Ред бул рејсинг, Дитрих Матешиц во интервју за австрискиот весник „Салцбургер нахрихтен“ ги објасни големите амбиции за 2018 година, но и можноста да го „пуштат“ Даниел Рикјардо, доколку Австралиецот не сака да продолжи со нив.
Матешиц е човек кој вложи милиони во Формула 1, меѓутоа многу ретко дава интервјуа во кои зборува за спортот. Тој верува дека шасијата и возачите на Ред бул ќе го направат своето доколку моторот на Рено е барем на половина секунда до Мерцедес, додека за Торо росо е пресреќен со трансферот на моторите на Хонда.
„Мислам дека сме поблиску до врвот од лани. Според шасијата и моторот. Не знам многу за Мерцедес и за тоа што тие направија со својот мотор, но ако сме на половина секунда од нив, тогаш ќе ги стигнеме благодарение на возачите и на шасијата. За 2019 ќе видиме како ќе се однесува моторот на Хонда, иако засега изгледа дека нивниот мотор е еднаков со тој на Рено“, вели Матешиц.
Тој исто така вели дека е презадоволен од возачкото дуо на Ред бул, Макс Ферстапен и Даниел Рикјардо, иако договорот на Австралиецот завршува на крајот на сезоната и тој реши да калкулира со продолжувањето.
„Дали останува? Тоа треба да го прашате него. По долга соработка, секој бара нов предизвик, посебно ако има понуди од голем тим. Ќе го оставиме да оди ако сака, но ќе бидеме среќни ако сака да остане. Ако замине, тогаш имаме добри возачи во Торо росо“, објаснува Матешиц.
Фото: ЕПА