Лионел Меси не контактирал со никого од Пари Сен-Жермен, Манчестер сити и ниту еден друг клуб по многубројните шпекулации околу неговата иднина и ќе почека да дојде крајот на сезоната за да одлучи дали ќе остане во Барселона или ќе замине во друг клуб, јавува порталот „Гол“, обично пристојно веродостоен околу иднината на Каталонецот (тие го имаа првото интервју по сагата со барањето за трансфер во текот на летото).
Според изворите блиски до Аргентинецот, Меси немал контакти со ПСЖ, ниту планирал да зборува со новиот тренер Маурисио Почетино, а исто така не бил во врска ниту со Пеп Гвардиола, сега менаџер на Манчестер сити и тој лично ќе одговори каде ќе ја продолжи кариерата по крајот на сезоната.
Бидејќи договорот му завршува во текот на летото, тој е слободен да преговара со сите не-шпански клубови од 1 јануари, но негов избор е да не го прави тоа. Дополнителна неизвесност носат изборите за претседател во каталонскиот клуб, но Меси и тука се обидува да биде неутрален и не разговарал со тројцата кандидати, Жоан Лапорта, Тони Фреича и Виктор Фонт.
33-годишниот Меси оваа недела пак беше во центарот на „бурата“ предизвикана од шпанскиот весник „Ел мундо депортиво“, кој објави дека неговиот четиригодишен договор потпишан во 2017 тежи неверојатни 555 милиони евра, со што тој е најплатениот спортист во историјата. Барса веќе најави тужба против весникот, но Меси и тука остана „тивок“.