Дуелот на Ливерпул против РБ Лајпциг во Лигата на шампионите е неизвесен, откако на шампионите од Премиер лигата им е забранет влез во Германија поради ограничувањата за спречување на ширењето на корона вирусот.
Ливерпул треба да гостуваат на „Ред бул арената“ на 16 февруари во првиот меч од осминафиналето, меѓутоа Германија воведе строги правила за влегување во земјата од области кои ги сметаат како ризични поради мутацијата на КОВИД-19, а една од земјите е и Велика Британија. Авионски пристигнувања во Германија од Англија се забранети барем до 17 февруари, еден ден по предвидениот меч.
УЕФА му даде на Лајпциг краен рок до 8 февруари да организира алтернативен план за одигрување на мечот. Можно е, но тешко веројатно, тимовите да се согласат на промена на термините – на 16 февруари да се игра на „Енфилд“, а на 10 март во Германија, но тешко е да се верува дека Ливерпул така лесно ќе се откаже од предноста вториот меч да се игра на свој терен.
Друга можност е мечот да се одигра во земја со поблаги рестриктивни мерки, како Русија и Унгарија, а доколку Лајпциг не најде алтернатива, тогаш ќе го загуби службено мечот со 3:0.