Двократниот Ф1 шампион, Фернандо Алонсо ќе се врати на американското тркање во јануари, откако беше потврдено дека ќе учествува на трката 24 часа Дејтона со тимот на Јунајтед аутоспортс.
Алонсо оваа година настапи на славната трка Индијанаполис 500, каде што беше во игра за победа, пред моторот на Хонда да откаже, и сега без тестирање ќе се врати на овалните патеки. Шпанецот неодамна потпиша нов договор со тимот на Мекларен, и на трката на издржливост ќе вози покрај уште еден возач на Мекларен, Ленди Норис. Јунајтед аутоспортс тимот е на шефот на Мекларен, Зек Браун.
За Алонсо трката ќе биде совршена подготовка за можен настап во иднина на 24 часа Ле Ман, откако потврди дека ја сака „тројната круна“ во мотоспортот – победи на Индијанаполис 500, во Ле Ман и на Формула 1 трката во Монако.
„Тоа е главната работа. Знам дека Инди 500 е фантастична трка и можеби премногу конкурентна, но беше голем предизвик кој го почнав без тестирање и слично искуство. Бев конкурентен и сега сакам да се подготвам за Ле Ман“, вели Алонсо.