Дефанзивецот на Челси, Тијаго Силва вели дека тој и напаѓачот на Манчестер јунајтед, Единсон Кавани заслужиле многу повеќе почит од својот поранешен клуб Пари Сен-Жермен откако им истекоа договорите на крајот на минатата сезона.
Бразилецот помина осум години на „Паркот на принцовите“, а беше и капитен на ПСЖ, додека Кавани помина седум години и стана најдобар стрелец во историјата на клубот. Силва тврди дека ПСЖ не му понудиле никакво продолжување на договорот, без разлика на сумата која би ја добиле.
„Не ми понудија ниту едно нешто. Барем да прашаа: ‘Тијаго, дали ќе останеш за нас за едно евро?’ Апсолутно ништо и тоа беше вознемирувачки за мене. Имаше и полоши работи. Иако има пандемија, имаа три месеци да организираат и планираат збогување, но не направија ништо. Човеку, па не бев таму една сезона или неколку месеци, бев осум години како капитен кој крена трофеи. Заслужив многу повеќе респект од тоа. Истото се случи и со Кавани“, вели Силва.
Тој додава дека не знаел каде ќе продолжи со кариерата до поразот во финалето на ЛШ од Баерн Минхен, откако им советувал на своите агенти да му најдат нов клуб, но да не му кажуваат ништо додека не заврши сезоната.
„Му кажав на агентот дека може да ми најде клуб, но дека му е забрането да зборува до финалето на ЛШ. Утрото по финалето се сретнав со претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Хелаифи во хотелскиот лифт и тој ми кажа дека Леонардо сака да зборува со мене. Знаев како ќе заврши. Агентот ми се јави и ми кажа дека има понуда од Челси, н одека мора бргу да решам. Мислам дека не згрешив“, вели Силва.