На „Алијанц стадионот“ во Торино немаше голови во второто „Дерби Д’Италија“ во една недела, откако на Јувентус и 0:0 реми со Интер му беше доволно да се пласира во финалето на Купот на Италија, каде што ќе игра со подобриот од пресметката меѓу Аталанта и Наполи, каде што првиот меч на „Диего Марадона“ заврши 0:0, а реваншот се игра утре.
Двата тима излегоа со своите најдобри состави во игра, а во првото полувреме, најинтересна беше дискусијата на Леонардо Бонучи (кој не играше) со својот поранешен тренер Антонио Конте, кога во 13. минута Матео Дармијан доби жолт картон, а Бонучи му порача на Конте да ги почитува судиските одлуки.
Ромелу Лукаку и Лаутаро Мартинез имаа по една добра шанса во првото полувреме, додека Кристијано Роналдо трипати се најде во изгледна ситуација, но трипати неговиот удар беше блокиран. Во второто полувреме, Интер имаа повеќе од играта, но Јувентус одигра одлично дефанзивно и на крајот се пласираше во финалето.