Top Sport

Цветков ја сопре низата на Фуркад во последната трка од сезоната (видео)

Неверојатната низа на пласмани на подиумот на Мартин Фуркад заврши во рускиот Тјумен, каде што Максим Цветков стигна до својата прва победа од СК во трката на 15 километри со масовен старт.

Фуркад се мачеше од почетокот на трката, правејќи две грешки при првата посета на стрелиштето и уште една на втората за да ја заврши низата од 20 подиуми во 20 трки оваа сезона со 19. место.

Пред домашната публика, Русинот Цветков немаше грешка на стрелиштето и на крајот го победи Норвежанецот Ерленд Бјентегард за 2.7 секунди, додека трет беше уште еден Норвежанец, Јоханес Тингнес Бо.

Сепак, дента не беше целосно лоша за Фуркад – 19. место беше доволно да се освои и титулата од Светскиот куп во масовен старт, со што Французинот ги освои сите титули оваа сезона, вклучувајќи го и големиот кристален глобус.

Во женската последна трка од сезоната, на 12.5 километри со масовен старт, Белорусинката Дарја Домрачева стигна до победа иако заостануваше неверојатни 13.8 секунди пред последната посета на стрелиштето.

Домрачева на крајот беше за 1.8 секунди побрза од Словачката Паулина Фиалкова за која ова е прв пласман на подиумот, а трета беше Французинката Ане Шевалие.

Титулата во генерален пласман отиде кај Финката Каиса Макараинен, откако таа беше шеста во трката, а ветеранката победи и во СК во масовен старт. Ова е трет голем кристален глобус за Макараинен по 2010/11 и 2013/14.

Scroll to Top