Македонија и вториот мартовски тест го заврши со нерешен резултат, откако на стадионот „Мардан“ во Анталија одигравме 1:1 со репрезентацијата на Азербејџан, по ремито без голови против Финска.
Најинтересните моменти во мечот се случија во првите дваесетина минути од мечот по што следуваше тактичко надигрување, кое не донесе голови.
Тимот на Игор Ангеловски имаше лош старт, откако по само четири минути игра беше досуден пенал за Азербејџан. Стефан Ристовски при обид да ја „исчисти“ топката од нашиот шестнасетник го турна Алашкаров, по што натурализираниот Азербејџанец со бразилско потекло, Ричард го совлада Столе Димитриевски.
Македонија израмни во 22. минута, кога Горан Пандев беше фаулиран во шестнаесетникот, а судијата дури по прегледување на снимката преку ВАР системот додели пенал за Македонија. Напаѓачот на Палермо, Александар Трајковски немаше проблем да го реализира пеналот за израмнување.
Иван Тричковски по половина час игра имаше шанса да донесе водство за „рисовите“, откако по додавањето од Радески шутира блиску до голот, а само две минути подоцна и Пандев се наоѓа сам пред голманот, но неговиот удар е одбранет.
Во второто полувреме, Азербејџанците имаа две одлични шанси, но ние на голот го имавме одличниот Димитриевски. Во 54. минута тој спаси по опасниот контра-напад, а само четири минути подоцна, голманот ја корегираше играта на одбраната.
Во 85. минута, Македонија повторно требаше да дојде во водство, откако двоецот на Палермо, Несторовски и Трајковски имаа одлична игра, но Трајковски шутираше високо над голот. Неколку минути подоцна и Стефан Спировски, кој го замени Пандев имаше одлична шанса, но голманот ја исфрли топката во аут.
Фото: ФФМ