Неделното дерби помеѓу Челси и Манчестер јунајтед може да го одлучат двајца фудбалери на 34 години, Оливие Жиру и Единсон Кавани, кои имаат огромно влијание на своите соиграчи, смета менаџерот на Челси, Томас Тухел.
Жиру постигна фантастичен гол со „ножички“ при 1:0 победата на гости на Челси кај Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите, додека Кавани се опоравува од мала повреда за дуелот на „Стемфорд бриџ“ во недела. Ова ќе биде прв меч на Кавани против својот поранешен тренер од ПСЖ и Германецот е импресиониран од двајцата ветерани.
„Видете ги кога ќе менуваат дресови, апсолутно се во одлична физичка форма. Фитнесот е клучен. Оливие има нула масти, исто како Еди. Еди е ист фудбалер како Оли, кој секогаш мисли на тимот, кој ќе страда за нив и е подготвен да се жртвува. Покрај тоа, во шестнаесетникот тие знаат како да дадат гол, имаат искуство, немаат трема“, вели Тухел.
Петтопласираниот Челси е на шест поени зад Манчестер јунајтед, откако Тухел не загуби во своите први шест меча од Премиер лигата.
„Се надевам дека ќе победиме. Одиме на победа, тоа е сигурно. Тие немаат пораз на гости досега оваа сезона и се тим кој може да те уништи со брзина и со индивидуален квалитет. Ако ги победиме, тоа ќе биде одлично, но ако тие победат ќе избегаат далеку“, додава Германецот.