Жозе Мурињо не планира да го продаде Пол Погба на лето и работи на тоа следната сезона да го извлече максимумот од францускиот играч од средниот ред, јавува „Јаху спортс“.
Според Португалецот, Погба ги има техничките и физичките квалитети да стане еден од најдобрите фудбалери на светот, но 25-годишниот Французин мора да се фокусира на тоа што е најважно во фудбалот. Мурињо верува дека Погба тренира слабо и дека не се „крева“ на нивото во клучните мечеви, по што го загуби стартното место во Јунајтед.
„На Жозе му се допаѓа фудбалерот, но фудбалерот го нема умот во фудбалот. Погба не е фокусиран на фудбалот, туку на музиката, фризурите, патиките…“, изјави близок човек на Мурињо за „Јаху“.
Португалецот веќе разговарал со францускиот селектор Дидие Дешам пред Светското првенство во Русија, каде што Погба треба да биде еден од лидерите на тимот. Се верува дека Дешам се согласил со Мурињо, откако не го постави во стартниот тим за пријателскиот меч со Колумбија, пред да постигне фантастичен гол од слободен удар во вторникот против Русија.
„Извлекување“ на максимум перформанси од фудбалерите преку конфликт секогаш бил „стилот“ на Мурињо, нешто што го забележа и Дидие Дрогба оваа недела.
„Секогаш беше ‘жешко’ меѓу нас. Но, Жозе никогаш не ги напаѓа луѓето кои не ги сака. Мислам дека го сака Пол многу и затоа му дава толку голема одговорност“, изјави Дрогба, кој работеше со Мурињо во Челси.
Јавно, Мурињо секогаш само ги посочува квалитетите на Погба, за кого Јунајтед платија 100 милиони евра.
„Со толку многу мислења, луѓето се збунети, но меѓу мене и Пол нема конфузија. Тој е играч од средниот ред и тоа е тоа. И тешко е да се најде играч од средниот ред со повеќе потенцијал од Пол. Пол има речиси сè“, изјави Мурињо.
Фото: ЕПА