Премиерлигашот Евертон исплаќа 90 отсто од платата на Роналд Куман, новиот холандски селектор, иако тој беше отпуштен во октомври, тврди весникот „Ливерпул ехо“.
Куман беше отпуштен по само четири месеци од неговиот тригодишен договор со кој беше 10-тиот најдоброплатен тренер во фудбалот со плата од 6 милиони фунти годишно. Поради клаузулите во неговиот договор, Евертон мораат да му исплаќаат плата во одреден период како комензација.
55-годишниот поранешен фудбалер на Барселона, во февруари стана холандски селектор, но националната федерација му дава околу 10 отсто од сумата која ја добиваше на „Гудисон парк“, така што преостанатите 90 отсто мора да ги исплаќа Евертон.
Ова не е прв ваков случај во Евертон. Клубот од Ливерпул ги исплати последните три месеци од договорот на Роберто Мартинез (околу 11 милиони фунти), откако го отпуштија во 2016, помалку од две години откако му дадоа петгодишен договор.
Покрај тоа, сегашниот тренер на „карамелите“, Сем Алардајс е еден од најдоброплатените менаџери во Премиер лигата, иако последниот месец се шпекулира дека и тој ќе добие „клоца“ на крајот на сезоната, а Евертон ќе побара позвучно име на оваа позиција.
Цела среќа парите од ТВ-договорите во Премиер лигата се огромни, така што Евертон може да си дозволи да се расфрла со пари на менаџери.
Фото: ЕПА