Top Sport

Рено бара „замрзнување“ на моторите во 2019 и 2020

Францускиот производител на автомобили, Рено побара „замрзнување“ на развојот на Формула 1 моторите за сезоните 2019 и 2020, пред да се воведат новите правила, кои уште не се утврдени.

Со овој потег, од Рено сметаат дека четирите големи производители на автомобили вклучени во спортот (Рено, Фиат, Мерцедес и Хонда), ќе можат да се фокусираат на подготвување на новите мотори и евентуалните нови производители кои би се вклучиле во спортот не би добиле предност.

„Тоа е логичен и фер потег. Не сакаме да имаме товар и да развиваме два мотори паралелно. Прво, сакаме да пред да се посветиме на нови регулативи да ја погледнеме целосната ситуација во Формула 1. Второ, ако развиваме два мотори паралелно, било кој нов производител во спортот ќе има голема предност“, изјави Сирил Абитебул, шефот на Рено Ф1.

Со него се согласува и советникот на Ред бул рејсинг, Хелмут Марко, кој додава дека ФИА мора да ги „израмни“ перформансите во последните две сезони од сегашните регулативи.

„Бидејќи има нови правила, сега мораме да ги замрзнеме моторите, и да поставиме правило дека секој мотор да биде во 3 отсто од перформансите на ривалите. Потоа ќе живееме нормално до 2020. Никој нема да мора да ги развива овие мотори“, вели Марко.

ФИА и претходно ги „замрзна“ правилата за моторите на стартот на сезоната 2007, и 2.4 литарските В8 мотори останаа исти до 2013 година, кога се воведоа новите турбо-хибридни В6 мотори.

Scroll to Top