Словачката скијачка атракција Петра Влхова стигна до драматична победа на домашен снег во Јасна, победувајќи на велеслаломот пред новозеландската атракција Алис Робинсон и својата вечна ривалка, Американката Михаела Шифрин, која ја бркаше 70-тата победа во кариерата.
Ова беше прва победа на Влхова оваа сезона и 19-та во кариерата, но доаѓа во вистинско време – таа сега има 1.220 поени во генерален пласман, само 36 помалку од лидерката во генерален пласман, Лара Гут-Бехрами и со надеж дека на следните два слаломи во Оре ќе може да ја помине Швајцарката.
Сепак, најрадосна беше четвртопласираната на трката, Италијанката Марта Басино, која со овој пласман го обезбеди малиот кристален глобус во велеслалом, прв во нејзината кариера. Басино имаше четири велесласломски победи оваа сезона, за да собере вкупно 510 поени, со што второпласираната Французинка Теса Ворлеј не може да ја стигне (има 362 поени), со само последниот велеслалом од сезоната на финалето во Ленцерхајде.